Москва работи на нацрт-меморандум за мировен договор со Украина
Русија активно работи на изработка на нацрт-меморандум кој ќе ги дефинира основните принципи за можен мировен договор со Украина, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
Според изјавата, документот ќе содржи основни насоки за решавање на конфликтот, временска рамка за склучување мировен договор и услови за евентуален прекин на огнот.
Руските власти велат дека иницијативата добила дополнителен поттик по неодамнешниот телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп. Путин, по разговорот, изјави дека Москва е подготвена за конструктивна соработка со Украина во насока на постигнување траен мир.
„Во тек е подготовка на документ кој ќе ги утврди главните позиции поврзани со потенцијално решавање на конфликтот, вклучително и можноста за привремено примирје, доколку се постигне соодветен договор“, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.
Таа додаде дека меморандумот ќе биде доставен до украинската страна откако ќе биде финализиран.
Официјален Киев засега не се изјаснил во врска со руската иницијатива, а дипломатски извори од Западот велат дека секоја можна платформа за преговори ќе биде внимателно разгледана, но само под услов да ги почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.







