Познатиот Халит Ергенч, актерот кој го глумеше Сулејман Величествениот, осуден на затворска казна
Турскиот актер Халит Ергенч, прославен по улогата на султанот Сулејман Величествениот во мегапопуларната серија Величествениот, е осуден на затворска казна поради учество на граѓанските протести во Истанбул во 2013 година.
Првично, судот му изрече казна од две години и три месеци затвор, која подоцна беше намалена на една година и десет месеци поради, како што се наведува, „примерно однесување за време на судскиот процес“.
Ергенч е прогласен за виновен поради учество во протестите кои избувнаа како реакција на плановите на тогашните власти да го исечат дрвениот фонд во истанбулскиот парк Гези, во квартот Таксим, со цел изградба на трговски центар. Мировните демонстрации брзо прераснаа во масовни протести против тогашниот премиер Реџеп Таип Ердоган, со голем одзив низ цела Турција, па дури и меѓу турската дијаспора.
Судот утврдил дека Ергенч, заедно со колегата актер Риза Коџаоглу, дал контрадикторни изјави за контакт со едно лице кое било во бегство. Иако двајцата првично тврделе дека не се поврзани со обвинетиот, истрагата покажала дека Ергенч разменил неколку СМС пораки со него. Поради тоа, актерот е осуден и за лажно сведочење.
Во немирите што го следеа протестното движење во 2013 година, загинаа пет лица, а стотици беа повредени.
Веста за затворската казна предизвика шок и огорченост во Турција, но и во целиот регион, каде што Халит Ергенч ужива огромна популарност благодарение на улогата што ја одигра со исклучителна убедливост, толку што многумина го поистоветуваат со самиот османлиски владетел.






