Ладниот туш – неочекуван сојузник за здравје, убавина и подобро расположение
Иако топлата купка звучи како совршен начин за опуштање по напорен ден, сѐ повеќе експерти истакнуваат дека ладниот туш нуди бројни здравствени и естетски придобивки – и тоа не само како средство за утринско расонување.
Подобар сон
Додека повеќето луѓе преферираат топол туш пред легнување, студената вода може да биде подеднакво делотворна кога станува збор за релаксација и квалитетен сон. Ладната вода го намалува нивото на стрес-хормоните, го смирува телото и го олеснува заспивањето. Покрај тоа, студениот туш го поттикнува лачењето на „хормоните на среќата“, со што делува позитивно врз расположението и може да помогне во борбата против несоницата.
Природен сојузник во губење на тежина
Студената вода, покрај тоа што освежува, може да биде и корисна алатка за согорување калории. Изложувањето на телото на ниски температури ги активира т.н. кафени масни клетки – тип на масно ткиво кое согорува енергија за да создаде топлина. Овој процес го забрзува метаболизмот и помага во редукција на телесната тежина.
Посјајна и поздрава коса
Ладната вода има значително подобро дејство врз здравјето на косата во споредба со топлата. Таа ги затвора кутикулите на влакното, ја штити природната масна бариера (себум) и спречува исушување. Како резултат, косата добива природен сјај, останува хидрирана и помалку се крши.
Подобрување на циркулацијата
Иако капењето со ладна вода може да делува непријатно, тоа е стимулативно за кардиоваскуларниот систем. Кога телото ќе се соочи со студ, автоматски се активираат механизми за зачувување на топлината, што води до подобра циркулација. Со редовна примена, студениот туш може да го зајакне крвотокот, да го намали крвниот притисок и да го подобри тонусот на кожата. Овој ефект е особено корисен за луѓе со слаба циркулација, висок крвен притисок или дијабетес.
Иако на почетокот може да бара храброст, туширањето со ладна вода носи бројни придобивки за телото и умот. Од подобар сон и подобро расположение, до поздрава коса и посилен метаболизам – студената вода може да биде едноставна, но моќна навика што вреди да се воведе во секојдневието.






