Украинска разузнавачка служба: Руските резерви се топат, драстичен пад на националниот фонд и златните залихи
Националниот фонд за богатство на Русија доживеал драматичен пад – од 150 милијарди американски долари во 2022 година, сега изнесува само околу 38 милијарди долари, изјави Олег Ивашченко, шеф на надворешната разузнавачка служба на Украина, за државната агенција „Укринформ“.
„Пред целосната инвазија во 2022 година, Националниот фонд на Русија располагаше со околу 150 милијарди долари. Денес, таа бројка е сведена на приближно 38 милијарди. Парите се топат“, изјави Ивашченко.
Тој додаде дека значаен дел од преостанатите резерви се во форма на неликвидни хартии од вредност, кои во моментов не можат да се продадат на финансиските пазари.
Според украинските разузнавачи, Русија располагала со 2.300 тони злато, но таа бројка се намалила на околу 1.700 тони – што укажува на постојана продажба на златни резерви. Освен тоа, имале 164 милијарди кинески јуани, но и тие резерви постепено се трошат.
„Дополнителните руски воени трошоци достигнале 5 милијарди долари само во последните три месеци. За нивната економија, тоа е значителен товар“, додаде Ивашченко.
Украинската служба проценува дека до крајот на 2025 година Русија ќе се соочи со сериозни економски предизвици – како во фискалниот сектор, така и во однос на човечките ресурси. Очекувана е и продлабочување на кризата во енергетскиот сектор, јавните услуги и општ недостиг на квалификуван кадар, стои во извештајот на „Укринформ“.







