Макрон ја омаловажи сцената со Брижит на аеродромот во Виетнам: „Само се шегувавме“
Францускиот претседател Емануел Макрон се обиде да го минимизира вниманието околу видео-снимка која прикажува необична сцена со неговата сопруга Брижит Макрон, снимена при нивното пристигнување во Виетнам — прва станица од неговата турнеја низ Југоисточна Азија.
На видеото, кое брзо се прошири на социјалните мрежи, се гледа моментот кога Брижит му го турка лицето на Макрон со двете раце, непосредно пред да слезат од претседателскиот авион. Претседателот за момент се повлекува наназад, а потоа ѝ мавта на публиката и камерите долу на пистата. Првата дама останува во позадина, делумно сокриена зад трупот на авионот, при што нејзината реакција останува нејасна. Додека парот се симнуваше по скалите, Брижит одби да му ја фати раката на својот сопруг — гест што дополнително го привлече вниманието на медиумите.
Макрон, одговарајќи на новинарски прашања во Ханој, изјави дека не станувало збор за ништо сериозно.
„Се шегувавме со сопругата, тоа беше само еден момент на забава пред почетокот на патувањето. Не беше никаква расправија,“ рече тој.
Тој истакна дека ова не е првпат во последниве недели содржини од видеоснимки со него да бидат, како што рече, „извртени од луѓе кои сакаат да создадат сензација“.
Се огласи и Елисејската палата со кратко соопштение, во кое се наведува:
„Тоа беше приватен миг на блискост помеѓу претседателот и неговата сопруга, момент на релаксирање и шега пред официјалниот почеток на патувањето.“






