Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави дека земјата започнува со воведување на Единствениот личен број (Personal Identification Number), кој ќе биде интегриран во новите лични карти, со цел поедноставување на сите административни процеси и трансакции со државата.
„Честитки најпрво до сите кои вредно работеа за денес да ја започнеме оваа иницијатива,“ рече Мицотакис на седница на Владата, истакнувајќи дека ова е значаен чекор во насока на модернизација на државната администрација.
Според премиерот, новиот број ќе биде „клучот“ за пристап до сите јавни услуги и ќе ги замени постојните идентификациски броеви како даночниот број (AFM), бројот за социјално осигурување (AMKA) и бројот од личната карта.
„Нашата цел е граѓаните да треба да запомнат само еден број,“ нагласи Мицотакис.
Единствениот личен број ќе биде постојан за секој граѓанин и нема да се менува во текот на животот. Издавањето ќе биде овозможено преку апликацијата myInfo на платформата gov.gr, која се очекува да стане достапна на почетокот од јуни.







