Макрон: Мислам дека Трамп ја сфаќа дезинформациската игра на Путин
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека смета оти американскиот претседател Доналд Трамп ги разбира аспектите на дезинформациите што ги шири рускиот претседател Владимир Путин во врска со војната во Украина.
Изјавата на Макрон доаѓа откако Трамп, преку социјалната мрежа Truth Social, го опиша Путин како човек што „целосно полудел“ поради масовните воздушни напади врз Украина, додавајќи дека размислува за нов пакет санкции против Москва, јавува „Ројтерс“.
„Секогаш сум имал одличен однос со Владимир Путин, но нешто му се случи. Потполно полуде“, напиша Трамп.
Макрон во моментов се наоѓа во Ханој, во рамки на официјалната посета на Виетнам — прва ваква посета на еден француски претседател по речиси една деценија. По престојот во Виетнам, Макрон ќе отпатува во Индонезија, а потоа и во Сингапур, каде ќе се обрати на годишниот Шангри-Ла дијалог, најголемата безбедносна и одбранбена конференција во Азија.






