Групата „Јавна соба“ во која над 6.500 членови споделуваа фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки, синоќа е избришана на социјалната мрежа Телеграм.
Во меѓувреме, продолжува истрагата за креаторите на групата, а веќе се приведени четири лица, од кои две од Битола, едно од Велес и едно од Штип. Надлежните апелираат на внимателност бидејќи на Телеграм има и друга слична група за која исто така се постапува.
Премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го поздравија чекорот на платформата Телеграм и порачаа дека оние што го прекршиле законот ќе бидат казнети.
Заев и Спасовски, претходно, се заканија дека е можно блокирање на Телеграм во земјава ако платформата и натаму остане глува на барањата на полицијата и обвинителството за бришење на „Јавна соба“.
– Телеграм или ќе ја затвори групата, или земјата ќе ја блокира оваа социјална мрежа, најави вчера премиерот Зоран Заев.
Истакна дека до социјалната мрежа Телеграм се испратени категорични барања да ја избрише групата „Јавна соба“. Ако не го сторат тоа, Заев најави дека е можно да се блокира апликацијата.







