Авионите со ослободени руски војници слетаа вчера во Московската област, по големата размена на заробеници меѓу Русија и Украина. Еден од вратените војници, во изјава за руската телевизија „Ѕвезда“, откри дека за време на престојот во украинско заробеништво изгубил дури 37 килограми.
„Погледни ме – изгледам како скелет. Ослабев 37 килограми. Можеш ли да ме замислиш ваков? Не би ме ни препознала“, и рекол тој на својата сопруга преку телефон.
Во неделата заврши последната фаза од големата размена на воени заробеници, во чии рамки 303 руски војници се вратија во татковината.
Размената се одвиваше според договорот меѓу Москва и Киев постигнат на 16 мај во Истанбул, според кој двете страни се согласија на формула „1000 за 1000“. Размената се спроведе во периодот од 23 до 25 мај.
Заменикот министер за одбрана на Руската Федерација, Александар Фомин, изјави за агенцијата Риа Новости дека Москва се надева оти оваа размена, спроведена по руска иницијатива, ќе придонесе за создавање поповолна атмосфера за преговори околу мирно решавање на украинската криза.







