ВАШИНГТОН – Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска ја потврди информацијата за успешна размена на заробеници меѓу Русија и Украина, истакнувајќи дека станува збор за значаен дипломатски исчекор кој би можел да претставува почеток на поширок мировен процес.
„Голема размена на заробеници штотуку е успешно завршена меѓу Русија и Украина. Честитки до двете страни за овој преговарачки успех. Ова би можело да биде почеток на нешто многу поголемо“, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.
Размената е резултат на договор постигнат на почетокот од месецов во Истанбул, каде што за првпат по повеќе од три години беа одржани директни разговори меѓу претставници на Москва и Киев.
Украинските власти претходно соопштија дека ѝ доставиле на Русија список со околу 1.000 воени заробеници како дел од подготовките за реализирање на размената. Според украинската воена разузнавачка служба, овој чекор е дел од пошироки напори за враќање на заробените припадници на вооружените сили и граѓани во татковината.
Додека официјални детали за бројот на разменети лица не се соопштени, аналитичарите оценуваат дека овој потег би можел да ја отвори вратата за понатамошни преговори и можни дипломатски иницијативи насочени кон намалување на тензиите и наоѓање политичко решение за војната што трае од 2022 година.






