Грчките власти оваа година преземаат невидени мерки за справување со сè поинтензивните пожари, мобилизирајќи рекордни 18.000 пожарникари и значително зголемувајќи го бројот на дронови за надзор, соопштија официјални претставници.
Министерот за цивилна заштита, Јоанис Кефалогианис, изјави дека во кампањата ќе учествуваат и илјадници волонтери, нагласувајќи дека штетите од пожари постојано растат во последните две децении. „Оваа година условите ќе бидат особено тешки“, изјави тој по завршувањето на симулациска вежба за гаснење пожар јужно од Атина.
Зголемените температури и намалените врнежи во последните години значително ја отежнуваат борбата против пожарите, предупредуваат експертите.
Генералниот директор на грчките пожарникарски сили, Теодорос Вагијас, ја истакна неопходноста од подобра подготвеност, координација и мобилизација на ресурси. „Климатската криза е веќе реалност и ќе остане со нас“, предупреди тој.
Штетите од пожари рапидно се зголемуваат – во 2021 година биле зафатени над 1.300 квадратни километри, додека во 2023 година изгореле дури 1.745 квадратни километри, што е приближно тројно повеќе од просекот за периодот од 2011 до 2020 година.
Во рамки на новата стратегија, пожарникарите деновиве тестираа напреден одговор кој вклучува користење на дронови и мобилни командни центри за брза интервенција.
Бројот на пожарникари е зголемен за 20 отсто во последните две години, а флота на дронови за надзор сега брои 82 единици, во споредба со 45 минатата година.
Дополнително, околу 300 пожарникари од Чешка, Франција, Романија, Молдавија и Бугарија ќе бидат распоредени во Грција како дел од програмата на Европската унија за поддршка и подготвеност за справување со пожари.






