БУКУРЕШТ – Уставниот суд на Романија денеска (22 мај) ја отфрли жалбата на ултранационалистичкиот политичар Ѓеорѓе Симион, кој побара поништување на резултатите од претседателските избори, одржани во вториот круг минатиот викенд.
Симион, кој загуби од центристичкиот кандидат и актуелен градоначалник на Букурешт, Никусор Дан, тврдеше дека изборите биле компромитирани од странско мешање, вклучително и од Франција. Во жалбата доставена до Уставниот суд, тој побара да се поништат резултатите од гласањето.
Судот, сепак, соопшти дека по „детално разгледување на наводите“, едногласно одлучил да ја отфрли жалбата како неоснована.
„Барањето за поништување на изборите е целосно неосновано“, се наведува во официјалното соопштение на Судот.
Ова гласање следува по петмесечна правна и политичка неизвесност, откако Уставниот суд ги поништи претходните избори поради сомнежи за руско влијание и масовна онлајн кампања во корист на крајнодесничарскиот кандидат, кој потоа беше дисквалификуван од учество во новото изборно тркање.
По објавувањето на одлуката, Симион реагираше на својот профил на Фејсбук:
„Судот продолжува со својот државен удар. Сè што можеме да направиме е да се бориме! Ве поканувам да ми се придружите – денес и во наредните недели.“
Претседателската функција во Романија носи значително влијание, вклучувајќи и именување на премиерот, водење на надворешната политика и претставување на земјата на самитите на Европската Унија и НАТО.
Политичката нестабилност, проследена со изборни контроверзии, дополнително ги зголеми економските тензии во Романија – земја која се соочува со висока инфлација и која, според последните податоци, е најзадолжена во рамките на Европската Унија.







