Министерот за земјоделство на Јапонија, Таку Ето, денеска поднесе оставка откако предизвика бурни реакции во јавноста со изјава дека никогаш не купувал ориз, бидејќи секогаш го добивал на подарок од свои приврзаници.
Неговата изјава дојде во време кога граѓаните на Јапонија се соочуваат со рекордно високи цени на оризот — традиционална и основна прехранбена намирница во земјата.
Спорната изјава, дадена за време на семинар на владејачката Либерално-демократска партија на 18 мај, многумина ја протолкуваа како знак на недостиг од свест за економската реалност со која се соочува обичниот народ.
„Во момент кога потрошувачите се мачат со сè повисоките цени на оризот, дадов целосно несоодветен коментар“, изјави Ето пред новинарите по поднесувањето на оставката во кабинетот на премиерот.
Ова е прва министерска оставка во владата на премиерот Ишиба од нејзиното формирање во октомври минатата година. Политичките аналитичари предупредуваат дека овој инцидент може да ја поткопа поддршката за Либерално-демократската партија пред претстојните избори за Горниот дом на парламентот во јули.
Во обид да се ублажи ценовниот шок, јапонската влада во последните неколку месеци пушти значителни количини ориз од државните резерви, но според најновите податоци на Министерството за земјоделство, овој потег имал ограничен ефект. Во меѓувреме, некои супермаркети започнаа со продажба на поевтин увозен ориз како алтернатива.







