ОДОБРЕНИ ОКОЛУ 100 КАМИОНИ СО ПОМОШ ЗА ГАЗА, НО МАЛ ДЕЛ ВЛЕГУВА НА ТЕРИТОРИЈАТА
Портпаролот на Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања на Обединетите нации, Јенс Лерке, соопшти дека биле побарани и одобрени значително повеќе камиони со хуманитарна помош за Појасот Газа отколку претходниот ден.
„Побаравме и добивме одобрение за многу повеќе камиони отколку што беа дозволени вчера“, изјави Лерке на прес-конференција во Женева, прецизирајќи дека станува збор за „околу 100“ возила.
И покрај тоа, реалната состојба на теренот останува загрижувачка. По 11 недели израелска блокада, вчера преку граничниот премин Керем Шалом беа пропуштени девет камиони, но само пет од нив навистина успеале да влезат во Газа, посочи Лерке.
Хуманитарните организации постојано апелираат дека ова ниво на дотур на помош е далеку од доволно за да ги задоволи потребите на населението, кое се соочува со сериозна криза поради воениот конфликт и долгата изолација.






