Германскиот министер за одбрана: Путин не е заинтересиран за мир, Русија само купува време
Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, денеска остро го критикуваше рускиот претседател Владимир Путин, оценувајќи дека Москва не покажува вистинска подготвеност за мир во Украина. Според Писториус, Русија само тактизира во преговорите со САД, обидувајќи се да купи време за продолжување на воените дејствија.
„Стануваме сведоци на нов бран од масовни руски напади изминативе денови. Тоа зборува многу повеќе од долгогодишните празни ветувања за мир. За жал, мораме отворено да кажеме дека Путин не е искрено заинтересиран за мир“, изјави Писториус пред состанокот на министрите за одбрана и надворешни работи на ЕУ, што се одржува во Брисел.
Тој повика Европската унија да го засили притисокот врз Москва, особено преку нови санкции насочени кон извозот на руска енергија, пренесе агенцијата Ројтерс.
Во меѓувреме, преговорите меѓу Русија и Украина, кои требаше да почнат откако Путин имаше телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, се одложени. Рускиот лидер изјави дека процесот ќе трае подолго од очекуваното.
По информирањето на европските лидери од страна на Трамп за содржината на разговорот со Путин, ЕУ се согласи да воведе дополнителни мерки против Русија.
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, исто така го обвини Путин за лицемерие.
„Додека Владимир Путин продолжува со својата дволична реторика, станува јасно дека нема намера да се откаже од својот колонијален воен поход. Ако не му се спротивставиме, тој ќе продолжи до крај. Време е да го натераме да ја прекине својата империјалистичка фантазија преку навистина обесхрабрувачки санкции од страна на ЕУ“, изјави Баро.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, повика и САД да се приклучат кон зголемувањето на притисокот врз Русија.
„Јасно го кажавме ставот – ако Русија не прифати безусловен прекин на огнот, како што тоа го направи Украина пред 60 дена, ќе бидат преземени силни мерки“, рече Калас пред почетокот на состанокот.







