Унгарскиот парламент денеска го одобри предлогот на владата за повлекување од Меѓународниот кривичен суд (МКС), со што земјата по 23 години се откажува од Римскиот статут.
Од вкупно присутните пратеници, 134 гласаа „за“, 37 беа против, а седуммина воздржани.
Во образложението на предлогот, унгарската влада оцени дека МКС „отстапил од својата првична мисија“ и се претворил во политички инструмент, наместо независна судска институција. Предлог-законот беше поднесен од вицепремиерот Жолт Шемјен, кој истакна дека Унгарија најостро се спротивставува на употребата на меѓународни организации, особено судови, како алатки за политички притисок.
Иако сите земји-членки на Европската унија се дел од МКС, неколку влијателни држави, како САД, Русија, Кина, Турција и Израел, сè уште не ја ратификувале оваа меѓународна конвенција.
Повлекувањето на Унгарија беше најавено на 3 април, само неколку дена по посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Будимпешта. Ваквиот потег доаѓа во чувствителен момент, откако МКС издаде меѓународен налог за апсење на Нетанјаху, обвинет за наводни воени злосторства во Појасот Газа.
Со оваа одлука, Унгарија стана првата земја од ЕУ што се повлекла од судот.






