Германија го менува ставот: Отворена за нуклеарна енергија и соработка со Франција
Германија официјално се откажа од своето долгогодишно противење на нуклеарната енергија, што се смета за прв значаен чекор кон зближување со Франција и откочување на енергетските политики во рамки на ЕУ.
Според извори за Фајненшл тајмс, Берлин ѝ сигнализирал на Франција дека повеќе нема да ги блокира иницијативите за еднаков третман на нуклеарната и обновливата енергија во европското законодавство.
„Германија ни порача: ќе бидеме прагматични за нуклеарната енергија“, изјави висок француски дипломат. Германски функционери потврдуваат дека ова е „радикален пресврт“ и дел од обидите на канцеларот Фридрих Мерц да ја вклучи Германија во францускиот нуклеарен штит како заштита од руска закана.
Нов енергетски сојуз Франција – Германија
Мерц го критикуваше повлекувањето на Германија од нуклеарната енергија, особено затворањето на последните реактори во 2023 година под водство на Шолц. Иако нема планови за повторно отворање, тој најави инвестиции во нови технологии како мали модуларни реактори и фузија.
Промената на германската позиција доаѓа во време на растечка поддршка за нуклеарната енергија низ Европа, поттикната од високите цени на гасот поради конфликтот во Украина. Со овој потег, Австрија останува единствениот гласен противник на нуклеарната енергија во ЕУ.
Во писмо до Европската комисија, 12 земји-членки со нуклеарни капацитети побараа ЕУ да ја признае нуклеарната енергија како комплементарна на обновливите извори, со цел да се овозможи државна поддршка и да се охрабрат инвестициите.
Промена на енергетскиот баланс во ЕУ
Германија, која повеќе од 60% од електричната енергија ја добива од обновливи извори, досега се спротивставуваше на француските напори нуклеарната енергија да се третира како „зелена“. Франција, пак, околу 70% од својата енергија ја добива од нуклеарки.
Претходно, идеолошки разлики, особено поради учеството на Зелените во германската влада, доведоа до тензии околу вклучувањето на термините како „нискојаглеродна енергија“ во правните текстови на ЕУ. Но сега, со новата политика, Германија прифаќа и нуклеарен водород да биде третман еднаков на оној произведен од ветер или сонце.
„Повикуваме на укинување на секаква дискриминација против енергија со ниска емисија на јаглерод“, рече францускиот претседател Макрон за време на посетата на Мерц на 7 мај.







