Израелските власти во понеделникот дозволија влез на камиони со храна за бебиња во Појасот Газа, соопшти израелското Министерство за надворешни работи. Оваа одлука следува еден ден по најавата на премиерот Бенјамин Нетанјаху за дозволување на ограничен влез на хуманитарна помош, по речиси два месеца целосна блокада на палестинската енклава.
„Денес Израел овозможи влез на камиони со храна за бебиња во Газа. Во наредните денови ќе се олесни влезот на десетици камиони со хуманитарна помош“, изјави Деден Бар-Тал, генерален директор на израелското Министерство за надворешни работи, на прес-конференција во Ерусалим.
На прашање од новинарите колку камиони досега влегле во Газа, портпаролот на министерството одговори дека точната бројка треба да се провери со „Когат“ – израелската служба при Министерството за одбрана, која е надлежна за координирање на цивилни активности во Газа и на окупираниот Западен Брег.
Бар-Тал додаде дека планот е во текот на следните денови да се испрати значителен број камиони со основни намирници и медицинска помош.
Во изминатите недели, агенциите на Обединетите нации и меѓународни хуманитарни организации постојано предупредуваа на акутен недостиг од храна, вода за пиење, гориво и лекови во Појасот Газа, кој е под воена состојба повеќе од 19 месеци.
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денес изјави дека Газа се соочува со „сериозен ризик од глад“, додавајќи дека „два милиони луѓе веќе гладуваат“.
Под зголемен меѓународен притисок заради хуманитарната криза во регионот, израелските власти во неделата објавија дека ќе дозволат ограничено продолжување на испораките на хуманитарна помош, и тоа паралелно со подготовките за нови копнени операции во Газа.
Премиерот Нетанјаху одлуката за ублажување на блокадата ја опиша како „тешка, но неопходна“. Ова е првпат од 2 март, кога беше воведена целосната блокада, да се дозволи влез на хуманитарна помош во Газа.






