Единаесет пациенти од пожарот во Кочани на лекување во странство, рехабилитацијата ќе се спроведува во Кочани
Вкупно 11 пациенти повредени во трагичниот пожар во Кочани моментално се лекуваат во странство, информираше денеска заменик-министерот за здравство, д-р Јовица Андовски.
Според неговите информации, тројца пациенти се лекуваат во Грција и се во стабилна здравствена состојба. Четворица се сместени во здравствени установи во Србија, исто така со добар прогрес. Еден пациент е на одделение во Австрија, со стабилна клиничка слика, додека во Словенија еден пациент веќе е вклучен во процес на рехабилитација. Во Турција се лекуваат двајца пациенти, кои редовно добиваат третман и преврски на одделение.
Како што информираа на брифинг за новинарите, во изминатиот период, во соработка со тим експерти од Велика Британија, била спроведена интензивна обука на 45 здравствени работници за физикална и психолошка рехабилитација на повредените пациенти.
„Обуките се реализираа во пет јавни здравствени установи – Клиниката за пластична хирургија, одделението за физикална медицина во ГОБ ‘8 Септември’, како и болниците во Штип и Кочани. По препорака на британските експерти, рехабилитацијата ќе се одвива во Кочани, за пациентите да бидат поблиску до своите домови“, изјави Андовски на брифинг со новинарите.
На настанот присуствуваа и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, како и директорката на Клиниката за пластична хирургија, д-р Јасмина Ѓорѓиевска Павловска. По брифингот, најавена е и официјална прес-конференција.






