Трамп и Путин денес ќе разговараат: Европа и САД бараат безусловен прекин на огнот во Украина
Во пресрет на денешниот разговор помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, лидерите на Франција, Велика Британија, Германија и Италија разговараа телефонски со Трамп, во обид да се изнајде решение за прекин на конфликтот во Украина, соопшти владата на Обединетото Кралство.
Според портпарол на британскиот премиер Кир Стармер, лидерите разговарале за актуелната состојба во Украина и за „катастрофалната цена што ја плаќаат двете страни во војната“.
„Во пресрет на денешниот повик меѓу претседателот Трамп и претседателот Путин, лидерите изразија заедничка поддршка за итен и безусловен прекин на огнот и ја нагласија потребата Путин сериозно да пристапи кон мировните преговори“, изјави портпаролот.
По неуспешниот обид за преговори помеѓу Киев и Москва во Турција во петокот, западните лидери разговарале и за можноста од зајакнување на санкциите кон Русија, доколку Кремљ не покаже вистинска волја за дипломатско решение и траен прекин на огнот.
Францускиот претседател Емануел Макрон преку платформата Икс (X) истакна дека „на претседателот Путин му останува да покаже дали навистина сака мир, со тоа што ќе го прифати предложениот 30-дневен безусловен прекин на огнот, поддржан од САД, Украина и европските земји“.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека „Европејците и Американците се решени заеднички да дејствуваат во правец на брзо завршување на овој ужасен конфликт“. Оваа негова изјава дојде по првата миса на новиот поглавар на Римокатоличката црква, папата Лав XIV, одржана во неделата.
Мерц додаде дека изминатите денови се забележани „мали, но важни чекори напред“, откако завојуваните страни конечно започнале директна комуникација — прва од пролетта 2022 година.
Францускиот, британскиот и германскиот лидер веќе разговарале со Трамп во петокот, како и со полскиот премиер Доналд Туск.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата престојувал во Рим, каде што остварил половиначасовна средба со потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, веднаш по неговата аудиенција кај папата, пренесе агенцијата АФП, повикувајќи се на висок украински функционер.






