Авиокомпанијата Swiss укинува 1.400 летови поради недостиг од пилоти
Авиокомпанијата Swiss, подружница на германската Lufthansa, ќе укине околу 1.400 летови во периодот од април до септември оваа година, поради сериозен недостиг од пилоти. Станува збор за околу 1,5 проценти од вкупниот број предвидени летови во летниот распоред.
Како што соопшти компанијата, намалувањето се однесува и на долги, и на кратки и средни дестинации. Според швајцарскиот портал Aerotelegraph, причините за овој недостиг се повеќекратни – значителен број пилоти се на подолгo боледување поради повреди или бременост, а дел од пилотите се ангажирани на обука за управување со новиот авионски модел Airbus A350.
Дополнително, со новиот колективен договор се воведени подобрени услови за работно време, што резултирало со потреба од дополнителни 70 вработени со полно работно време, наведуваат од компанијата.
Како краткорочна мерка за справување со кризата, некои од постарите пилоти привремено го одложуваат своето пензионирање, а дел од персоналот кој претходно работел со скратено работно време, доброволно ги зголемува своите работни часови.
Swiss изрази жалење за нарушувањето на плановите на патниците и истакна дека се прават максимални напори да се минимизираат последиците од укинувањето на летовите.






