Британската државјанка Бела Меј Кулеј (18) се наоѓа во притвор во Грузија и се соочува со можност за доживотна затворска казна поради обвинение за поседување дрога, пренесува Daily Mail.
Тинејџерката исчезнала за време на одмор во Тајланд, по што нејзиното семејство пријавило исчезнување и била покрената потрага. Кулеј е уапсена на меѓународниот аеродром во Тбилиси, Грузија, кога при претрес, локалната полиција пронашла 14 килограми марихуана и неколку пакувања хашиш во нејзиниот багаж.
Нејзината адвокатка, во изјава за британски медиуми, изјави дека Бела е длабоко потресена од целата ситуација, дека се наоѓа во состојба на шок и депресија и сè уште не дала јасно објаснување за потеклото на дрогата.
„Кога ѝ објаснив дека обвинението за кое се товари претставува особено тешко кривично дело според грузијското законодавство, беше очигледно вознемирена и исплашена. Моето мислење е дека пристигнала во Грузија без целосно да сфати во што се впушта. Изгледа како да не била свесна за сериозноста на последиците“, изјави адвокатката.
Минималната казна што ѝ се заканува е 15 години затвор, но постои можност и за доживотна казна доколку судот ја прогласи за виновна. На рочиштето таа изјавила дека е бремена, што би можело да влијае врз висината на казната, но само доколку признае вина.
Нејзиното семејство, длабоко вознемирено од ситуацијата, апелира до властите да им дозволат посета, но досега таа можност им е одбиена. Кулеј, според нејзината бранителка, и понатаму не дала објаснување како дошла во посед на дрогата.







