Постигнат напредок во руско-украинските преговори: Подготовка за размена на 1.000 затвореници
Русија е задоволна од исходот на директните преговори со Украина што се одржаа во Истанбул и е подготвена за натамошни разговори, изјави шефот на руската делегација Владимир Медински.
Според информациите на руската новинска агенција РИА, руската страна позитивно го оценила текот на разговорите, а притоа било истакнато дека Киев побарал организирање на средба на шефовите на двете држави – предлог кој Москва сериозно го разгледува.
Како дополнителен резултат од средбата, двете страни изразиле подготвеност да ги презентираат своите визии за можен прекин на огнот.
Украинскиот министер за одбрана, Рустем Умеров, кој ја предводеше украинската делегација, потврди дека е договорена можно значајна размена на заробеници со Русија, по принципот „1.000 за 1.000“.
„Го знаеме датумот, но засега нема да го објавиме. Размената би можела да се реализира наскоро“, изјави Умеров, пренесуваат украинските медиуми.
Оваа најава претставува еден од најконкретните чекори напред во дипломатските односи меѓу Москва и Киев во последните месеци.






