Во Украина се урна воен авион Ф-16 – пилотот се спасил
Украинското воено воздухопловство соопшти дека утрово се урнал борбен авион Ф-16, а пилотот успешно се катапултирал и е во добра здравствена состојба.
„Според првичните информации, во текот на летот настанала невообичаена ситуација. Пилотот успеал да го оддалечи авионот од населени места и безбедно се катапултирал“, објави воздухопловството на Украина преку својата официјална страница на Телеграм.
Нагласено е дека инцидентот не е резултат на руски напад, а украинските власти најавија формирање на комисија која ќе го испита случајот и причините за несреќата.
Ова е втор пад на авион од типот Ф-16 откако Украина почна да добива вакви летала од своите западни сојузници минатата година, во рамки на програмата поддржана од тогашниот американски претседател Џо Бајден. Претходниот инцидент се случи на крајот на август 2023 година, кога поради пад на авион од истиот тип, загина пилотот.
Украинските власти и понатаму не откриваат колкав е вкупниот број борбени авиони Ф-16 што ги имаат добиено од меѓународните партнери.






