Погубен серискиот убиец Глен Едвард Роџерс – последните зборови му беа посветени на Доналд Трамп
Серискиот убиец Глен Едвард Роџерс (62) е погубен со смртоносна инјекција во затворот во Флорида, поради бруталното убиство на Тина Мари Крибс, мајка на две деца, извршено во 1995 година. Последните зборови на Роџерс пред егзекуцијата беа посветени на американскиот претседател Доналд Трамп, кому му изрази поддршка.
„Претседателе Трамп, продолжете да ја правите Америка голема. Подготвен сум да заминам“, изјави Роџерс пред да му биде извршена казната, пренесува The New York Post.
Неговата изјава е јасна алузија на предизборниот слоган на Трамп – „Да ја направиме Америка повторно голема“ (Make America Great Again).
Погубувањето беше извршено во 18:16 часот, а според Tampa Bay Times, неговиот последен оброк се состоел од пица, чоколадна торта и газиран пијалак. Ова беше петтото погубување во државата Флорида годинава, додека следното е закажано за 10 јуни.
Роџерс, познат под прекарите „Казанова-убиец“ и „Убиецот од патот“, беше осуден за две убиства – на Тина Крибс и на Сандра Галагер, мајка на три деца, која исто така ја запознал во бар и ја убил три недели пред Крибс.
Во својата последна порака, Роџерс се заблагодари на сопругата за посетата истиот ден и упати мистериозна порака до семејствата на жртвите:
„Знам дека имате многу прашања. Ветувам дека наскоро ќе добиете одговори, и се надевам дека тоа ќе ви донесе барем малку мир.“
Роџерс долго време беше поврзуван со низа нерешени убиства, а во една прилика дури изјавил дека убил околу 70 луѓе – тврдење што подоцна го повлекол. Многу од неговите наводни или потврдени жртви биле жени со црвена коса, ситна градба и во триесеттите години од животот.
Во 2012 година беше емитуван документарен филм што го снимил неговиот брат, во кој се спомнуваше можноста Роџерс да бил вистинскиот убиец на Никол Браун Симпсон и нејзиниот пријател Рон Голдман – двојно убиство за кое беше обвинет, но и ослободен, поранешниот НФЛ играч О. Џ. Симпсон.
Сепак, полицијата во Лос Анџелес тогаш соопшти дека нема никакви докази кои би укажале дека Роџерс е поврзан со тие убиства што ја потресоа американската јавност.






