Новинарите се веќе собрале во палатата Долмабахче во Истанбул, каде попладнево треба да започнат преговорите меѓу руската и украинската делегација. Украинската страна е закажана да пристигне по 14:00 часот по турско време (13:00 по македонско), кога претседателот Володимир Зеленски треба да се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара. Според најновите информации, Зеленски веќе пристигнал во турската престолнина.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, потврди дека руската делегација е во Истанбул и е подготвена за сериозни разговори. Според неа, разговорите се одложени за попладне по иницијатива на Турција, иако првично беа закажани за 10:00 часот.
Захарова потсети дека рускиот претседател Владимир Путин на 11 мај предложи директни преговори без предуслови, со цел решавање на суштинските причини за конфликтот и воспоставување долгорочен мир.
Во меѓувреме, американскиот сенатор Линдзи Греам – кој неодамна предложи нов пакет санкции против Русија – пристигна во Турција, заедно со државниот секретар Марко Рубио. Рубио веќе се сретнал со украинскиот министер за надворешни работи Андреј Сибиха во Анталија.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој се наоѓа на четиридневна турнеја на Блискиот Исток, изјави дека може да отпатува во Истанбул на 16 мај, доколку на денешните преговори се постигне напредок.
„Би сакале да видиме крај на војната и мислам дека имаме шанса за тоа,“ рече Трамп од Катар. На прашањето зошто Путин не присуствува на преговорите, Трамп одговори:
„Зошто би одел тој ако јас не одам? Не мислам дека е можно Путин да биде таму ако јас не сум.“






