Поминаа три години од почетокот на крвавата војна во Украина, а светската јавност со внимание гледа кон 15 мај 2025 година – датумот за кој се шпекулира дека би можел да донесе прв директен состанок меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Володимир Зеленски. Дали токму тогаш, по долг период на жестоки воени дејствија, ќе се отвори можност за преговори за мир?
Како што објавува Би-Би-Си, Путин пред неколку недели понуди иницијатива за директни разговори, а неколку европски лидери ја поддржаа идејата Русија да започне едномесечен прекин на огнот, почнувајќи од 12 мај. Но, и покрај овие дипломатски напори, реалноста на теренот останува мрачна – руските сили и денеска извршиле напад со дронови, потврдувајќи дека прекин на огнот сè уште не е на повидок.
На понудата за дијалог веднаш реагираше и американскиот претседател Доналд Трамп, кој јавно го повика Зеленски да ја прифати иницијативата на Путин: „Веднаш прифатете го – очајно е потребен мир. Престанете со убиствата,“ изјави Трамп.
И покрај тешкотиите и недовербата, двете страни најавија подготвеност за можен состанок, кој би се одржал во Турција – Истанбул или Анкара се споменуваат како можни локации. Според американските медиуми, двајца блиски соработници и специјални пратеници на Трамп – Кит Келог и Стив Виткоф – би можеле да присуствуваат во својство на набљудувачи.
Дали оваа најава ќе значи почеток на крајот на војната или уште еден неуспешен обид за мир, останува да се види. Сепак, надежта повторно тлее.







