Анчелоти пред „Ел Класико“: Имаме доверба дека можеме да ја победиме Барселона
Во она што можеби ќе биде неговото последно „Ел Класико“ како тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти изрази цврста увереност во својата екипа, убеден дека „кралевите“ имаат сила да ја совладаат Барселона на нејзин терен, на стадионот „Монжуик“.
Големото дерби ќе се игра во недела од 16:15 часот, а Реал ќе се обиде да ја намали бодовната разлика со каталонскиот ривал и да ги одржи шансите за титулата во Ла Лига.
Сепак, психолошката предност засега е на страната на Барселона, која ги доби сите три претходни пресметки со Реал оваа сезона. Но, тренерот на мадридскиот тим не се согласува со оценката дека каталонскиот клуб влегува како фаворит.
– Играњето против Барселона е нешто посебно, но не би рекол дека противникот е фаворит. Уверени сме дека можеме да победиме. Сите наши натпревари против Барселона досега беа комплицирани, но оној за Купот на Шпанија беше најмалку комплициран. Мораме добро да се браниме бидејќи играчите на Барселона го блокираат противникот на својата половина. Но, нема совршени тимови. Имаме доверба дека можеме да ги надминеме, изјави Анчелоти на прес-конференцијата пред мечот.






