Двајца израелски војници загинаа, шестмина повредени во судири во јужна Газа
Двајца израелски војници загинаа, а најмалку шест други се повредени во два одделни инциденти за време на борбите во јужниот дел на Појасот Газа, соопштија денеска Израелските одбранбени сили (IDF).
Според првичната истрага на израелската војска, првиот инцидент се случил вчера кога борци на Хамас истрелале проектили кон зграда каде што биле распоредени израелски војници. Дел од зградата се урнал врз војниците – еден загинал, додека двајца биле повредени, од кои едниот е во тешка, а другиот во полесна состојба, јавува „Тајмс оф Израел“.
Вториот инцидент се случил околу два часа подоцна во истото подрачје. Оклопно возило било погодено со импровизирана експлозивна направа, при што еден војник загинал, а четворица се повредени – тројца од нив се во тешка состојба.
Хамас претходно соопшти дека негови борци учествувале во, како што ги нарекоа, „жестоки судири“ со израелските сили во близина на Рафах, на југот од Појасот Газа.






