Брзата урбанизација и климатските промени создаваат идеални услови за ширење на скорпиите во Бразил, предупредуваат научници. Според ново истражување објавено во Frontiers in Public Health, од 2014 до 2023 година се пријавени над 1,1 милион убоди од скорпии – пораст од 250% во тој период.
Главната авторка на истражувањето, Манууела Берто Пука од Државниот универзитет во Сао Пауло, објаснува дека урбаните средини, особено сиромашните населби, нудат идеални услови за живот на скорпиите: топлина, засолништа и изобилство од храна, како што се лебарките. Посебно погодни се канализациите, каде што има малку предатори и висока влажност.
Во 2024 година, речиси 200.000 лица биле каснати од скорпии, а 133 починале. Најзагрозени се децата и постарите лица, иако повеќето убоди предизвикуваат само болка, црвенило и гадење. Научниците предупредуваат дека бројките може да се значително повисоки, бидејќи многу луѓе не бараат медицинска помош.
Истражувачите повикуваат на итна акција, предупредувајќи дека до 2033 година може да се појават уште 2 милиони нови случаи. Тие советуваат граѓаните да ги држат домовите чисти, да ги затворат пукнатините и да проверуваат облека и обувки пред употреба.
Иако убодот ретко завршува со смрт, професорката Елијане Кандиани Арантес од Универзитетот во Сао Пауло предупредува: „Мал убод може да убие дете. Важно е веднаш да се побара лекарска помош.“






