Русија го одбележува Денот на победата под сенка на изолација и саботажи
Во пресрет на прославата на Денот на победата на 9 мај, Кремљ упати покани до бројни странски лидери да присуствуваат на воената парада во Москва, иако земјата се соочува со сè поголема изолација од Западот поради инвазијата врз Украина.
Истовремено, украинското герилско движење „Атеш“ тврди дека извршило успешна саботажа на 8 мај во селото Могилки, во Московската област, каде што, според нивните наводи, била уништена опрема во трансформаторска станица која го снабдувала регионот со електрична енергија и телекомуникациска инфраструктура.
„Наш агент ја изврши акцијата успешно, при што беше нарушена комуникацијата со повеќе важни воени објекти“, соопшти групата на своите канали на Телеграм. Тие наведуваат дека нападот довел до прекини во работата на 629-тиот противвоздушен ракетен полк, 21-та одделна бригада за оперативна намена, како и воен гарнизон каде се стационирани повеќе воени единици.
Могилки се наоѓа на околу 45 километри североисточно од Москва, во близина на местото каде што треба да се одржи централната прослава на Денот на победата.
Иако овие тврдења не можеа да бидат независно потврдени од страна на медиумот „Kyiv Independent“, движењето Атеш е познато по организирање на герилски и саботажни акции и во Русија и на териториите под руска окупација во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 3 мај изјави дека Украина не може да гарантира безбедност на странските лидери кои планираат да присуствуваат на руската парада, потенцирајќи дека безбедноста на настанот е целосна одговорност на руските власти.







