Блокиран профилот на „Икс“ на Екрем Имамоглу, главниот политички ривал на Ердоган
Профилот на социјалната мрежа „Икс“ на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, беше блокиран во Турција по правен налог од државата, објавено е денес на неговиот профил. Имамоглу, кој е најголемиот политички противник на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, беше уапсен на 19 март, што доведе до најголемите протести во Турција во последната деценија.
Четири дена по неговото апсење, Имамоглу беше притворен пред судењето по обвиненија за корупција, што тој ги негира. Опозициските партии го оценија апсењето како политички мотивирано и противуставно.
Неговиот профил на „Икс“, кој има речиси 10 милиони следбеници, останува активен и достапен за корисниците надвор од Турција.
Адвокатот Гоненч Гуркајнак изјави дека поднел жалба против судската одлука за блокирање на профилот, по барање од компанијата „Икс“, но детали за судската одлука сè уште не се објавени. Според последните анкети, популарноста на Имамоглу по апсењето продолжила да расте.






