Словачкиот премиер Роберт Фицо тврди дека се случил обид да се саботира неговата посета на Москва, при што бил нарушен планот за одржување билатерални средби. Според него, доцнењето на летот било резултат на одлука на Естонија да не му дозволи на неговиот авион да влезе во нејзиниот воздушен простор.
„Ова беше намерен обид да се спречи мојата посета на Москва и сериозно го поремети целиот распоред. Поради тоа, нема да успееме да присуствуваме на неколку клучни состаноци што беа закажани за утре навечер“, напиша Фицо на својата Фејсбук страница.
Тој истакна дека прави сѐ што е во негова моќ за да стигне во Москва и да учествува на четири, како што ги нарече, „исклучително важни билатерални средби“.
Според украинската агенција РБК-Украина, најновите информации укажуваат дека словачкиот премиер нема да присуствува на воената парада на 9 мај во Москва, организирана од рускиот претседател Владимир Путин по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна. На настанот се очекуваа повеќе странски лидери по покана од Кремљ.







