Украина го претстави новиот борбен дрон FP-1 со зголемен домет и носивост
Украина го промовираше едно од своите најнови и најмоќни ударни беспилотни летала – UAC FP-1, кој има домет до 1.600 километри и може да носи боева глава тешка 113 килограми.
Според магазинот Forbes, новиот модел е значително поефикасен од претходникот PD-1, кој има максимален дострел до 1.000 километри и значително помала носивост. FP-1 е резултат на соработка меѓу украинската и чешката индустрија преку компанијата UAC, која вложила големи напори за технолошки напредок во автономните системи.
Најголемата технолошка разлика меѓу FP-1 и постарите модели е отстранувањето на подвозјето – наместо да полетува на тркала, како PD-1, FP-1 се лансира од рампа под агол, користејќи ракетен потисок вграден во трупот.
Дронот беше официјално претставен на неодамнешен саем во Киев, но се произведува уште од минатата година и веќе е во активна употреба на боиштата.
Украина во изминатиот период сè повеќе се потпира на сопствени беспилотни летала за удари на цели длабоко на руска територија – вклучувајќи воздушни бази и нафтени рафинерии.
Цената на FP-1 се проценува на над 100.000 американски долари.






