На одбележувањето на Денот на македонската полиција – 7 Мај, премиерот Христијан Мицкоски испрати силна порака за владеењето на правото и решителната борба против криминалот. Тој истакна дека во државата повеќе нема простор за врски, непотизам и заштита од одговорност.
„Во оваа држава нема веќе место за врски, непотизам и заштита од одговорност. Законот важи за сите – без разлика дали се работи за обичен граѓанин, функционер или бизнисмен. Силата на државата не се мери со привилегиите на поединците, туку со тоа дали правдата стигнува до сите – и до најмоќните, и до најмаргинализираните. Ние денес испраќаме силна порака: нема компромис со криминалот,“ изјави Мицкоски.
Тој ги потсети граѓаните како изгледала секојдневната реалност пред неколку години.
„Криминалците се шетаа слободно, државата молчеше, а граѓаните живееја со чувство на немоќ. Имаше време кога институциите се користеа како алатка за лични и политички интереси, а не за правда. Пораките ‘ќе средиме’ и ‘ќе се јавам’ беа погласни од законот. Но тоа време е завршено,“ рече премиерот.
Во рамките на настанот, Мицкоски му додели благодарница на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, како признание за неговиот ангажман во зачувување на редот, мирот и безбедноста во земјата.







