Додека светот сè уште е потресен од престрелката меѓу Индија и Пакистан, на Блискиот Исток вооружените инциденти се сè почести, а можноста за вистинска војна станува реална.
Според магазинот Стратфор, Турција и Израел се обидуваат да избегнат директна конфронтација во Сирија, но зголеменото воено присуство, спротивставените интереси и поддршката за различни групи го зголемуваат ризикот од ограничен конфликт.
По падот на режимот на Башар ал Асад на 8 декември, двете држави го проширија своето воено присуство во Сирија. Израелските и турските делегации одржаа технички разговори за воспоставување механизам за избегнување конфликти. Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан на 9 април потврди дека постојат технички контакти меѓу воените единици за да се спречат судири.
Меѓутоа, од октомври 2023 година и почетокот на војната меѓу Хамас и Израел, односите меѓу Анкара и Тел Авив дополнително се влошија. Двете страни се обвинуваат за агресивни воени дејства. Пред два дена, Израел изведе воздушни напади врз џихадистички групи во Сирија, додека Турција наводно извршила електронски напад што ги нарушил ГПС-сигналите на израелските авиони. Израел, преку САД, му испрати порака на Ердоган дека нема да се двоуми да собори турски авиони доколку бидат попречени израелските операции.
Со повлекувањето на САД од Сирија, Турција и Израел добиваат поголем простор за дејствување, но и ја зголемуваат опасноста од директен судир. Иако двете страни не сакаат отворена војна, нивната близина на теренот го прави избегнувањето на инциденти речиси невозможно.
За Турција, Сирија е симбол на обновено отоманско влијание; за Израел, прашање на безбедност и опстанок. Конфликтот меѓу двете држави на сириска територија станува сè поверојатен – прашање е само кој прв ќе го повлече чкрапалото.







