Ако вие или вашиот партнер не можете да спиете поради постојано ‘рчење, можно е решението да е многу попросто отколку што мислите.
Една медицинска сестра неодамна сподели корисен совет на Инстаграм за кој тврди дека може да ви го донесе „најдобриот сон во животот“. Без апчиња, без апарати – само едноставна промена во положбата на устата додека спиете. Таа препорачува да спиете со затворена уста. Кога устата е затворена, просторот помеѓу јазикот и долната вилица се шири, што овозможува полесен проток на воздух и го намалува ‘рчењето предизвикано од вибрации.
Оваа техника ја поддржуваат и медицински експерти. Д-р Сермед Мезер од Лондон објаснува дека ‘рчењето всушност е последица на делумна блокада на дишните патишта.
„Општеството го прифати ‘рчењето како нормално, но тоа всушност е знак дека воздухот тешко минува, создавајќи турбуленција и бучава“, вели д-р Мезер.
Кога заспиваме, јазикот и меките ткива во грлото се релаксираат, што го стеснува дишниот простор. Со затворена уста, долната вилица се поместува нанапред, а јазикот останува подалеку од грлото, отворајќи пат за непречено дишење. Во медицината, оваа техника се нарекува „поместување на вилицата нанапред“ (jaw thrust) и често се користи во третмани за апнеја при спиење.
Помош и за апнеја при спиење
Апнејата е сериозно здравствено нарушување. Луѓето кои страдаат од неа имаат прекини во дишењето додека спијат, што доведува до гушење, често будење и хроничен замор преку денот. Ако не се лекува, може да предизвика висок крвен притисок, мозочен удар, дијабетес и други сериозни компликации.







