Полска ја обвини Русија за мешање во претседателските избори
Полска се соочува со, досега, невидени обиди од Русија за мешање во претседателските избори, изјави денеска полскиот министер за дигитализација, Кшиштoф Гавковски.
Според него, Русија води хибридна кампања составена од дезинформации и сајбер напади насочени кон критичната инфраструктура на земјата, со цел да се наруши нормалното функционирање на државата.
„Нападите беа насочени кон јавни комунални претпријатија, топлани и институции од државната управа“, изјави Гавковски, пренесува Ројтерс.
Министерот нагласи дека бројот на сајбер напади, за кои се претпоставува дека доаѓаат од Русија, е повеќе од двојно зголемен во споредба со минатата година.
Првиот круг од претседателските избори во Полска е закажан за 18 мај, а властите предупредуваат дека земјата е под зголемен ризик, особено поради нејзината улога како логистички центар за поддршка на Украина. Токму тоа ја направило мета на саботажи, дигитални напади и ширење лажни информации.
Москва и натаму ги отфрла ваквите обвинувања, негирајќи било какво мешање во изборни процеси во странство – меѓу другото и во Романија, каде беше поништен првиот круг од претседателските избори поради сомнежи за руско влијание. Таму победи десничарскиот независен кандидат Калин Ѓорѓеску, а уставниот суд донесе одлука за поништување на резултатите.
Во март годинава, Варшава соопшти дека полската вселенска агенција била цел на сајбер напад, а уште во текот на минатата година државната новинска агенција беше идентификувана како потенцијална жртва на руски дигитален напад.
Полска, заедно со неколку други европски држави, веќе подолго време предупредува дека Русија стои зад серија пожари и акти на саботажа низ Европа – обвинувања што Москва постојано ги негира.







