Израел донесе одлука за трајна окупација на Појасот Газа, а во неделата Израелските одбранбени сили (ИДФ) започнаа со испраќање мобилизациски повици за десетици илјади резервисти, како дел од подготовките за нова фаза од воената офанзива.
Израелски воен претставник изјави дека ако не се постигне договор за размена на заложници, ќе следува нов напад врз Газа. Се очекува напредок околу евентуален договор за време на посетата на Доналд Трамп на регионот следната недела.
Кабинетот за безбедност одобри план што предвидува окупација на целата територија на Газа, нејзино воено контролирање и преместување на населението – околу 2,1 милион Палестинци – кон југ, што, според Би-Би-Си, би ја влошило хуманитарната состојба.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху го нарече планот „добар“ и истакна дека тој ќе доведе до пораз на Хамас и ослободување на заложниците. Тој најави дека израелските сили ќе останат во Газа и дека Хамас повеќе нема да управува со хуманитарната помош.
Во обид да се надмине двомесечната блокада, кабинетот во принцип одобри испорака на помош преку приватни компании. Сепак, ОН и хуманитарните агенции предупредија дека ова го крши меѓународното хуманитарно право и одбија да учествуваат.
ОН предупредува на акутен недостиг на храна, лекови и основни намирници – пекарите не работат, магацините се празни, а хуманитарните кујни остануваат без резерви. Според меѓународното право, Израел е обврзан да се грижи за цивилното население во окупирана територија, но тврди дека го почитува законот и дека нема недостиг од помош.
Иако е почната нова мобилизација, се очекува таа да биде значително помала од таа во октомври 2023 година. Генералот Ејал Замир, началник на Генералштабот на ИДФ, објави дека израелските војници нема да бидат вклучени во дистрибуција на хуманитарна помош.






