Американскиот Стејт департмент ја одобри продажбата на обука и техничка поддршка за авионите „Ф-16“ и придружната опрема на Украина, во вредност од 310,5 милиони долари. Ова го соопшти Агенцијата за соработка во одбранбената безбедност (ДСЦА) при Пентагон на својата официјална веб-страница.
Според објавата, пакетот вклучува надградби на авионите „Ф-16“, обука на украинскиот персонал, оперативна и техничка поддршка, резервни делови, потрошен материјал и комплети за поправка. Дополнително, во пакетот се вклучени и услуги за испорака и сервисирање на копнена опрема, помош со класифициран и некласифициран софтвер, техничка документација, публикации и други референтни материјали. Предвидени се и инженерски студии, технички инспекции и логистичка поддршка, кои ќе ги обезбедат и американската влада и приватни изведувачи.
Како што истакна Стејт департментот, оваа иницијатива е дел од пошироката американска стратегија за надворешна политика и национална безбедност. Целта е да се зајакнат одбранбените капацитети на Украина, која САД ја гледаат како значаен партнер и фактор на политичка стабилност и економски развој во Европа. Оваа поддршка, меѓу другото, ќе овозможи квалитетна обука на украинските пилоти и ќе ја зголеми интероперабилноста на украинските воздухопловни сили со тие на САД, преку интеграција во единствен систем за обука и одржување.
ДСЦА исто така нагласува дека оваа одлука се совпаѓа со напорите на меѓународната коалиција за формирање украинска програма за користење на „Ф-16“ и модернизација на воздухопловните сили на Украина. Со овој чекор, Украина ќе може непречено да ги интегрира новата опрема и услугите во своите вооружени сили.






