Сите 80 општини во Македонија аплицирале да добијат финансиски средства од унгарскиот заем.
Заклучно со денеска со завршување на вториот јавен повик, бројката на проекти достигнала 1200, што според премиерот Мицкоски и министерот за локална самоуправа Перински е историски успех. Најголемиот дел од парите велат дека се искористени за подобрување на патната инфраструктура, но и за изградби и доградби на училишта и градинки.
„ И можам да кажам дека сега имаме близу 900-тини само од вториот проект. Или кога ќе се соберат од првиот и вториот повик заедно, тогаш ќе имаме вкупно 1.200. Тоа се 1.200 градилишта во Македонија. Тоа е историска, би рекол вековна работа. “Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
„ За првиот јавен повик склучивме договори во висина од 4,6 милијарда денари, во вториот јавен повик имаат пристигнато апликации некаде близу 16 милијарди денари, што значи дека вредноста на сите проекти кумулативно ќе надмине 20 милијарди денари и тоа е навистина импозантна бројка. “-Златко Перински – министер за локална самоуправа.
Според премиерот и министерот добар пример за искористеност на финансиската помош од заемот од Унгарија е Кавадарци, општина која аплицирала со 17 проекти вредни околу 400 милиони денари. Токму таму денеска владиниот тим со локалната власт промовираше неколку инвестиции од овој заем.
„ Даваат безрезервна поддршка на Општина Кавадарци, особено оној заем којшто го зема Владата и го инвестира во општините за регионален развој. Денеска ни се сите девет градоначалници, без разлика на политичката опција, присутни, за овие благородни проекти кои се во интерес на нашите сограѓани. “Митко Јанчев – градоначалник на Кавадарци.
Во Кавадарци имаше и политички прашања за премиерот Мицкоски по несогласувањата во Вреди и односите со Таравари. Без да сподели детали и да го каже планот дали ќе побара од Таравари да остане или да ја напушти Владата и кога ќе се одржи состанокот со него, рече само дека ќе се сретнат, а односите во владината коалиција изјави дека се одлични.







