Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека сите купувачи на иранска нафта и нафтени деривати ќе се соочат со секундарни санкции и дека нема да им биде дозволено да соработуваат со САД.
„Купувањето иранска нафта или какви било производи од иранската петрохемиска индустрија мора веднаш да престане! Секој што ќе купи дури и минимална количина на нафта или деривати од Иран ќе биде веднаш санкциониран. Со таквите субјекти нема да биде дозволена никаква соработка со САД“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Оваа порака доаѓа веднаш по одложувањето на најновиот круг преговори помеѓу САД и Иран во врска со нуклеарната програма на Техеран. Разговорите, кои требаше да се одржат во сабота во Рим, беа одложени без нов утврден термин.
Според изјава на висок ирански функционер за агенцијата Ројтерс, следниот датум за средбата ќе зависи од „пристапот на САД“ кон прашањата што се на маса.






