Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет го предупреди Иран во средата дека ќе се соочи со последици за поддршката на јеменските Хутисти, шиитското вооружено движење коешто го контролира целосно северен Јемен како и поголем дел од најсиромашната заливска земја и напаѓа бродови поврзани со Израел и неговите сојузници во Црвеното Море во знак на солидарност со Палестинците.
Предупредувањето на Хегсет доаѓа во време кога САД повторно ги отворија преговорите со Иран за неговата нуклеарна програма. Американските и иранските преговарачи ќе се сретнат повторно во сабота во Рим.
„Порака до ИРАН: Ја гледаме вашата СМРТОНОСНА поддршка за Хутистите. Знаеме точно што правите… Вие многу добро знаете за што е способна американската војска – и сте предупредени. Ќе претрпите ПОСЛЕДИЦИ во време и на место што ние ќе го избереме“, напиша Хегсет на X.
Хегсет подоцна, на својот личен X профил, ја објави пораката на Доналд Трамп на Truth Social од март во која американскиот претседател рече дека ќе го смета Иран за одговорен за сите напади извршени од Хутите.
Иранските власти претходно изјави дека јеменските Хути дејствуваат независно.
САД извршија напади врз повеќе од 1.000 цели откако ги засилија нападите против групата во март. Американската војска последните седмици ги засили средствата за зајакнување на одбраната на своите интереси на Блискиот исток. Пентагон распореди шест тешки бомбардери „В-2“ на островот Диего Гарсија во Индискиот Океан, за кој експертите велат дека е идеална позиција за операции на Блискиот исток.
Покрај тоа, САД моментално имаат два носача на авиони во водите на Блискиот исток и преместија системи за воздушна одбрана од Азија во регионот.







