Убиен рускиот генерал Јарослав Москалик по експлозија на автомобил-бомба
Во експлозија што утринава одекна во градот Балашиха, во московскиот регион, животот го загуби рускиот генерал-полковник Јарослав Москалик. Веста ја потврдија официјални претставници на руските власти.
„Според првичните информации, во експлозијата загина генерал-полковникот Јарослав Москалик. Експлозијата веројатно била предизвикана од импровизирана направа наполнета со шрапнели“, изјави портпаролката на Истражниот комитет на Русија.
Полицијата отвори истрага за убиство, како и за незаконско внесување и користење на експлозивни направи.
На државните медиуми беше објавена снимка од безбедносни камери, на која се гледа моќна експлозија покрај станбена зграда, во моментот кога случаен минувач поминува покрај возилото.
Москалик, кој имаше 59 години, беше заменик-началник на Главната оперативна управа на руската армија – тело одговорно за планирање на воени операции и надгледување на борбената готовност на вооружените сили.
Според прорускиот Телеграм канал „Меш“, возилото во кое бил поставен експлозивот било препродадено трипати од почетокот на годинава, а како последен купувач е евидентиран 40-годишен маж од украинскиот град Суми.







