Барселона ризикува да ја направи најголемата грешка ова лето – Рафиња на излезна врата?
Иако Барселона оваа сезона игра веројатно најдобар фудбал во последните години и е сериозен фаворит за титулите во Ла Лига и Лигата на шампионите, клубот би можел да направи сериозна грешка – да се откаже од еден од своите клучни играчи.
Според шпанските медиуми, главниот кандидат за „Златната топка“, Рафиња, би можел да го напушти клубот на крајот од сезоната, и покрај тоа што игра фантастично. Бразилецот, кој пристигна во Барса во 2022 година од Лидс за 58 милиони евра, има сезона од соништата – 48 настапи, 30 голови, од кои 12 во Лигата на шампионите и 15 во домашното првенство.
И покрај ваквата статистика, клубот е подготвен да го пушти за понуда од најмалку 85 милиони евра. Претседателот Жоан Лапорта и спортскиот директор Деко веруваат дека сега е вистинскиот момент за профит, бидејќи се скептични дали Рафиња ќе може да ја задржи оваа форма и следната сезона.
Минатото лето тој беше блиску до заминување, но доаѓањето на Ханси Флик го задржа во тимот, и очигледно – не погрешија. Сепак, ова лето може да биде поинакво.
Навивачите се веќе гласни на социјалните мрежи – бараат Рафиња да добие нов договор, а не трансфер. За неговите услуги веќе сериозен интерес покажуваат Арсенал, Челзи и Ливерпул.
Барселона моментално е лидер во Ла Лига со 24 победи, четири ремија и пет порази – но во фокусот сега се не само резултатите, туку и одлуките зад кулисите.






