Силен земјотрес го погоди Истанбул – засега нема повредени
Рано утрово, силен земјотрес со јачина од 6,2 степени по Рихтер ја потресе Истанбулската област и поширокиот регион околу Мраморното Море, соопшти турската Агенција за управување со вонредни состојби. Според првичните информации, нема пријавени повредени лица.

Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од шест километри, а потресот се почувствувал во целиот Истанбул, предизвикувајќи паника меѓу граѓаните и тресење на зградите. Веднаш потоа, регистрирани се уште два последователни земјотреса со силина од 5,3 и 5,0 степени.
На социјалните мрежи веќе кружат видеа кои ја прикажуваат моќта на утринскиот потрес и реакцијата на жителите.
Овој регион веќе неколку дена е сензитивен на сеизмичка активност. Само во понеделникот, по земјотрес со јачина од 4,3 степени, беа регистрирани над 20 нови потреси во период од само два часа – сите со епицентар во истата област.
Сеизмичката нестабилност во регионот предизвикува загриженост кај стручњаците и јавноста, а турските власти повикуваат на внимателност и подготвеност во случај на нови потреси.






