Европската комисија разгледува забрана за нови договори за руски фосилни горива
Европската комисија (ЕК) разгледува можност за законска забрана за компаниите од Европската унија да склучуваат нови договори за снабдување со руски фосилни горива, изјави висок претставник на ЕУ за Ројтерс.
Анонимниот извор од ЕК посочи дека истовремено се разгледуваат и правни механизми кои би им овозможиле на фирмите од земјите-членки да ги раскинат постојните договори за набавка на руски гас, без да се соочат со финансиски казни или пенали.
Оваа иницијатива доаѓа во услови кога дел од земјите-членки се спротивставуваат на идејата за воведување целосни санкции врз рускиот гас. Како алтернатива, Комисијата се насочува кон други правни и економски инструменти за забрзување на процесот на енергетска диверзификација и намалување на зависноста од руските енергенси.
ЕК планира до 6 мај да ја претстави својата „мапа на патот“, во која ќе бидат наведени можните опции за оваа стратегија. Според истиот извор, се разгледува и можноста за воведување трговски мерки кои би им забраниле на европските компании да склучуваат нови договори со руски добавувачи на гориво.
Дополнително, Комисијата анализира правна рамка која би дозволила компаниите да се повикаат на клаузула за „виша сила“ (force majeure), со што би можеле да излезат од постојните договори без да платат казни.
По објавувањето на мапата на патот, ЕК планира консултации со земјите-членки и со засегнатите компании. Доколку Комисијата одлучи да продолжи со некој од предложените правни инструменти, ќе поднесе законски предлог кој ќе треба да биде одобрен од Европскиот парламент и од квалификувано мнозинство на земјите-членки, во зависност од видот на мерката.







