Трамп: САД се во добра позиција во трговските односи со Кина
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се наоѓаат во „добра позиција“ во односите со Кина и дека моменталната ситуација претставува преодна фаза во текот на трговскиот и царинскиот конфликт кој настана откако Вашингтон воведе царини на увозот на кинеска стока.
„Ако Кина не прифати трговски договор, САД ќе ги постават своите услови“, истакна Трамп, според агенцијата Ројтерс.
Тој додаде дека царините на увоз од Кина нема да достигнат стапка од 145 проценти.
„Тие нема да бидат нула, но исто така нема ни да се приближат до 145 проценти“, изјави Трамп, додавајќи дека сè уште очекува договор со Кина, иако не понуди конкретни детали или насоки за тоа кога би започнале преговорите меѓу двете земји.
Си Џинпинг: Трговските војни им штетат на сите држави
Кинескиот претседател Си Џинпинг, во изјава дадена за време на официјалната посета на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, во Пекинг, истакна дека трговските и царинските војни го поткопуваат „правото и легитимните интереси на сите земји“.
Според него, тие носат штета на мултилатералниот трговски систем и имаат негативно влијание врз глобалниот економски поредок.
Како што пренесуваат кинеските државни медиуми, Си нагласил дека Кина е подготвена да соработува со Азербејџан во заштитата на меѓународниот систем со централна улога на Обединетите нации, како и во зачувување на правниот поредок во меѓународните односи.
Целта на оваа соработка, според Си, е заштита на легитимните права и интереси на двете држави, како и одбрана на меѓународната правда и еднаквост.






