Патрушев: Западот ја преспа трката за морињата, Кина стана водечка поморска сила
Помошникот на рускиот претседател Владимир Путин, Николај Патрушев, изјави денеска дека по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, западните земји, предводени од САД, ја прифатиле својата доминација како конечна победа и наместо да продолжат со технолошки развој – се опуштиле. Во меѓувреме, според него, Кина тивко, но одлучно, напредувала и денеска е водечка економска поморска сила во светот.
„Борбата за доминација врз светските мориња е постојана со векови. По 1991 година следеше кратко затишје, кое Западот самоуверено го протолкува како крајна победа. Во таа еуфорија, се запостави развојот на бродоградбата и морската стратегија“, изјави Патрушев за рускиот весник Комерсант.
Патрушев, кој важи за еден од највлијателните луѓе во безбедносниот апарат на Русија и поранешен директор на Федералната служба за безбедност (ФСБ), додаде дека САД и европските земји не само што ги затворале своите бродоградилишта, туку и не инвестирале во обнова на кадарот и технологии.
„Американската бродоградба постепено деградираше. Наместо иновации, имаше затворање на капацитети и зголемување на технолошкиот јаз“, посочи тој.
Од друга страна, како што вели Патрушев, Кина започнала од скромни почетоци, но со фокус и стратегија, денеска го презема приматот.
„Како резултат на тоа, Кина стана најголема економска поморска сила. Воено, Пекинг веќе дише во врат на САД. Верувам дека администрацијата на Доналд Трамп токму тоа сакаше да го коригира“, заклучи Патрушев.






