Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека во рок од три дена ќе ги објави сите детали за можниот мировен договор што САД го предлагаат во обид да се стави крај на конфликтот меѓу Русија и Украина.
„Имавме навистина добри состаноци околу прашањето на Украина и Русија,“ изјави Трамп, дополнувајќи дека договорот би можел да биде постигнат уште оваа недела, со „многу добри шанси“ за успех.
Според извештај на агенцијата „Блумберг“, предлогот на Вашингтон вклучува неколку клучни точки: постепено укинување на санкциите кон Русија во замена за продолжен прекин на огнот, можност за признавање на анексијата на Крим од 2014 година, како и гаранции дека Украина нема да се приклучи на НАТО.
Сега, САД го очекуваат одговорот на Киев. Според најавите, украинскиот став ќе биде соопштен на заеднички состанок со американски и европски претставници, кој ќе се одржи подоцна оваа недела во Лондон.






